УБАВА МАСКА НОСИТЕ МИНИСТРЕ…

Деновиве се соочуваме со раст на бројот на позитивни случаи на корона вирус и се повеќе пациенти кои манифестираат симптоми на КОВИД-19. Бројот на тестирани во текот на 24ч се зголемува, а со тоа станува јасно дека вирусот е повеќе присутен помеѓу популацијата, многу повеќе во однос на она што го кажуваа на прес конференциите Министерот и Заменикот во исто време.

Конечно Венко Филипче го остави микрофонот па вчера го видовме во движење и во посета на колегите во Клиничка Болница Куманово. Се охрабри, после месец дена од кога држи пресови да излезе од салата каде што нема новинари, каде што тој одговара на прашања и ја клати главата како да има луѓе пред него. Таму во Куманово меѓу здравствениот персонал, само тој привилегиран со маска според стандарди FFP2/2. Сите останати со обични хируршки маски, како што ги викаме ние медицинарите. Па нели е прв меѓу еднаквите во борбава?

Апелите и криците на медицинскиот персонал дека нема маски и ракавици, не го тангираат Министерот. Важно е тој да е безбеден. Ако Венко е безбеден ќе можеме да слушаме прес конференции, на кои ќе ни соопштува колку нови починале и колку нови се заразиле. Ќе ни соопштува да се пазиме сите здравствени работници. Но секако нема да ни каже како да се пазиме и како да се спротивставиме на неговите послушници, директорите кои на персоналот не им ја даваат соодветната опрема. Тие директорите пак безбедни се позади одлуките на Комисијата за заразни болести назначена од Венко и директорката на ДСЗИ исто назначена од Венко, кои издаваат извештаи дека има доволно опрема, но не даваат информации како се користи таа опрема и дали персоналот е обезбеден максимум што може.

Повеќе од јасно е дека постои спрега, помеѓу Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство, ДСЗИ, во која што спрега овие тела имаат одлучено да се замижува онаму каде што не се користи опрема и каде што персоналот не е заштитен. Така сите се демек безбедни. Тие што го спроведуваат жртвувањето на персоналот, имаат документ дека можат да го жртвуваат и сега за сега се чувствуваат безбедни.

Го повикувам Министерот за здравство и директорката на ДСЗИ, Бухова, да направат визита на пациентите со Ковид -19 во оние институции каде што персоналот алармира дека не е доволно заштитен. Наместо да спроведуваат дисциплински постапки против оние кои што се побуниле, ги повикувам да дојдат и да видат како работи тој персонал, да се стават на нивно место. Да прашаат зошто на инфективна клиника медицинските сестри, па и докторите влегуваат кај пациентите со Ковид-19 со заштитна опрема до колена, опрема која не го покрива и долниот дел од нозете? Зошто вратот не е покриен? Зошто медицинската опрема ја перат дома?

На сето ова Венко Филипче може да одговори доколку дојде и направи посета и визита на персоналот кој што е во првата линија со Ковид -19. Доста слуша извртени извештаи од комисии и директори кои што само му се додворуваат. Споредете ги сликите Министре, како е облечен и опремен персоналот кој што работи со Ковид-19 во соседните земји, а како е тоа кај нас.

Симнете се од пресовите Министре, ставете маска која ја има персоналот…
Само така ќе имате вистински увид на состојбата….

Фејсбук статус на Игор Николов од ВМРО-ДПМНЕ