Во Југоисточниот регион во Македонија полицијата постојано фаќа мигранти во големи групи. Вчера во гевгелиско Стојаково, во полициска акција фатени се 211 мигранти, меѓу кои се и 63 малолетни деца. Според информациите на Министерството за внатрешни работи, мигрантите се фатени при контрола на товарно возило со скопски регистарски таблички, управувано од 27 годишен скопјанец. Возилото во градот предизвикало сообраќајна незгода, по што мигрантите побегнале.
Според информациите, возилото се движело од село Стојаково кон регионалниот пат Богданци-Гевгелија. Возачот бил приведен во гевгелиската полициска станица, а мигрантите биле пренесени во прифатниот транзитен центар во Гевгелија. Од 211-те пронајдени мигранти, 144 се од Бангладеш, а 67 од Пакистан.
Она што загрижува е дали фатените мигранти во време на епидемија со лесно преносливиот Ковид-19, ќе бидат ставени во карантин, дали ќе се тестираат и дали ќе им бидат извршени задолжителните здравствени проверки и контроли согласно протоколите. Граѓаните на социјалните мрежи ја изразуваат својата загриженост во однос на тоа дека во време на пандемија и повторно зголемување на бројот на заболени секој ден, истите ќе бидат непотребно изложени на ризик од ваквиот влез на нелегални мигранти за кои немаат информации во каква здравстевна состојба се наоѓаат.