Нови 38 400 дози од вакцината на „АстраЗенека“ ќе пристигнат во Македонија во петок, соопшти попладнево министерот за здравство Венко Филипче. Вакцините се обезбедени преку ковакс системот, а ова е уште една добра вест која ја добивме од УНИЦЕВ, напиша Филипче на својот официјален фејсбук профил.

– Добивме уште една добра вест од УНИЦЕФ попладнево. На 14 месецов ќе стигне втората пратка вакцини што ги обезбедивме преку КОВАКС механизмот и ќе ни бидат испорачани 38.400 вакцини од производителот Астра Зенека. Вакцини ќе продолжат да пристигнуваат во следниот период, апелирам сите граѓани да се пријават за вакцинција на www.vakcinacija.mk.

Во земјава вакцината „Астра Зенека“ се дава само на лица над 60 години. Министерот Филипче изјави дека со „АстраЗенека“ во земјава ќе можат да се ревакцинираат и граѓаните кои заминаа на вакцинација во Србија, но само постарите од 60 години.

Во моментов во земјава масовната вакцинација се спроведува со вакцините „Синофарм“ и „Фајзер“. До вчера вакцинирани се вкупно 121.181 лице, а пријавени за вакцина на сајтот vakcinacija.mk се 303.574 граѓани.