Приватните лекари одбиваат да ги потпишат новите договори за следната година кои Фондот за здравство им ги предложил. Тие се неприфатливи за нив, оти во договорите немало конкретни бројки како приватните лекари ќе бидат платени идната година.

Според претседателката на Здружението на приватни лекари на Македонија, Лилија Чолакова Дервишева, во договорите биле дефинирани само казните, но не и наградите за лекарите.

Приватните лекари уште еднаш ги повторија и старите барања до Фондот за здравство, пациентите да имаат договори за лечење со приватните здравствени организации, а не со одреден лекар.

Евентуалното заминување на лекарот бил огромен проблем при префрлањето на пациентите кај друг матичен доктор. Оние ординации кои немаат медицинска сестра да добијат администратор или бенефициран стаж за лекарот кој работи сам. Тие бараат и еднаков третман со лекарите од јавното здравство при користењето подолго боледување.

Приватните лекари сеуште не одлучиле што ќе прават ако Фондот за здравство не им ги прифати барањата. Не исклучуваат и протести, доколку Фондот остане глув на нивните повици.