Здравите навики во исхраната треба да се веќе воспоставени долго пред некој да наполни 60 години. Сепак, ситуацијата не е секогаш таква, пишува „Парада“.
„Реалноста е дека сакате да започнете здрави прехранбени навики уште од мали нозе за да можете да ги надградувате како што стареете“, рекол нутриционистот Тоби Амидор.
Нутриционистката Мариса Мур се согласува со Амидор, таа вели: „Две работи се вистинити – ризикот од хронични болести се зголемува со возраста, а начинот на кој јадеме во текот на нашиот живот може да има значително влијание врз тој ризик“.
Сепак, никогаш не е доцна да се започне со поздрава исхрана, Мур вели дека е важно да се јаде добро балансирана исхрана со многу овошје, зеленчук, здрави масти и висококвалитетни извори на протеини.
Меѓутоа, бидејќи мускулната маса почнува да се намалува како што старееме, од клучно значење е да внесуваме доволно протеини. Се препорачува внес на 0,8 грама протеини по килограм телесна тежина (за многу луѓе, тоа изнесува 75 или повеќе грама на ден).
Исто така, важно е да се зголеми внесот на влакна бидејќи дигестивниот систем се забавува како што старееме, а влакната придонесуваат за здраво варење. Исхраната богата со влакна, исто така, штити од болести поврзани со возраста и смртност од кардиоваскуларни болести. Покрај тоа, важно е да се даде приоритет на витаминот Д и калциумот, калиумот и витаминот Б12.
Значи, постои една храна која е преполна со речиси сите горенаведени хранливи материи и која Амидор сака сите постари од 60 години да јадат почесто – грав.
„Гравот не само што обезбедува извор на протеини од растително потекло и е одличен извор на влакна, туку е и евтин и лесен за подготовка“, рекол тој.
Амидор објаснува дека една неодамнешна студија покажала дека додавањето на околу две порции грав дневно значително ја зголемува потрошувачката на три хранливи материи (влакна, калиум и калциум) и покажа поголем внес на неколку хранливи материи, како што се железо, магнезиум и витамин Е, во споредба со луѓе кои не консумирале грав.
„Покрај тоа, оние кои консумирале повеќе грав имале помал индекс на телесна маса, намалена телесна тежина и подобрен обем на половината во споредба со луѓето кои не јаделе грав“, заклучил Амидор.