Во Гинеколошка акушерската клиника е откриено дека некој им упаднал во медицинската документација и ја зел изјавата на родилката-лекарка која не пријавила дека во семејството има заразено лице.
Директорката на клиниката Викторија Јовановска за Телма потврди дека денеска е откриено ова серизоно кривично дело за што е пријавено и во МВР и во обвинителството.
-Изјавата е скината и тоа е видливо бидејќи е захефтана за приемниот лист на пациентката. Увид изврши и инспектор од здравствено-санитарниот инспекторат, ни рече директорката Јовановска. Надлежните служби на ГАК ја провериле камерата и на неа ја има родилката како доаѓа и ги потпишува документите меѓу кои и изјавата дека немала контакт со заболен иако нејзиниот свекор бил болен.
Родилката која е дипломирана на Медицински факултет сама се испишала од Гинекологија и отишла на породување со царски рез во приватната болница Реемедика исто без да пријави заболен од семејството. 4-ца лекари од приватната болница се во самоизолација.
Родилката по породувањето е сместена на Инфективната клиника. Станува збор за жена од видно, познато семејство на интелектуалци, а директорката на ГАК Јовановска вели дека постојано имаат притисок на клиниката и за овој но и за многу други случаи поради што е зголемено обезбедувањето на клиниката.
Државниот здравствен инспекторат уште го истражува случајот, директорката на ДЗСИ Иринка Бухова вели дека треба да се земат изјави од сите лекари од ГАК, но дека таму биле почитувани сите протоколи поради што нема потреба од изолација на лекарите кои работеле со родилката што завршила Медицински факултет, но се уште немала државен испит за лекар. Од наодот на ДЗСИ ќе зависи дали поради свесно изложување на опасност на колегите, родилката ќе биде гонета и со кривични или прекршочни пријави.