Министерот за здравство Венко Филипче денеска посочи дека има и ново дополнување на мерките кои започнуваат да важат од понеделник 16-ти август. Па така за влез на сите настани кои се организираат, освен сертификат за вакцинација треба да приложат и потврда дека од прележаниот ковид има поминато најмалку 45 дена.

– Според одлуките на последната владина седница, невакцинираното лице ќе нема право да влезе во угостителски објект или да присуствува на настан на кој има повеќе од 30 лица, но во овие рамки има и нова потврда за прележан ковид со која граѓаните исто така ќе може да се движат на посочените места, дополни Филипче.

Од 16 август се воведува задолжителна потврда за извршена имунизација, најмалку прва доза, со задолжителна редарска служба заради контрола на приложување доказ за вакцинација при влез во секаков вид на објект, вклучително и во угостителски објекти, каде има повеќе од 30 присутни лица, за било каков настан (прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани).