Во првите шест месеци од годинава, до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) се поднесе вкупно 72 претставки за безбедност на храната од кои 12 за променети органолептички својства кај млечни и сувомесни производи, 10 со наводи за присуство на контаминенти, 10 за сомнеж во безбедноста на производите и 8 за сомнеж за труење со храна.

Сепак, податоците на Институтот за јавно здравје со кои располага АХВ, покажуваат дека досега е евидентиран само еден случај на труење со храна, неодамна, во фабриката „Кромберт“ во Битола. Во изјава за медиумите, директорот на АХВ, Николче Бабовски вели дека продолжуваат засилените и вонредни инспекциски контроли, посебно во туристичките центри, зашто во ек е летната сезона.

– Целта на засилените контроли е спречување евентуални труења и инфекции од храна кои лесно може да се случат како последица на високите температури. Со контролите се опфатени сите туристички центри, вклучително и планинските. Официјалните ветеринари и инспекторите вршат надзор на хотели, ресторани, пицерии, слаткарници, бурекчилници, пекарници, сендвичарници, ќебапчилници, кафе-барови, маркети и други оператори со храна, каде во овој временски период има зголемена фреквенција на туристи, нагласува Бабовски.

Зајакнати контроли, дополнува директорот, се спроведуваат и во малопродажните објекти во сите населени места. Но, паралелно со контролите, се постапува и по поднесените претставки од страна на потрошувачите, а се спроведува и мониторинг програмата за безбедност на храната во рамки на која се земаат мостри од различен број производи и лабораториски се тестираат.

Во првите шест месеци од годинава, инспекциските служби на АХВ спровеле вкупно 22 564 надзори, при што утврдиле само 1 072 недоследности за кои се изречени соодветни мерки. Како небезбедни, од страна на инспекторите и операторите се уништени околу 54 тони храна, најголем дел или 53 070 килограми храна од животинско потекло.

– Ги охрабруваме граѓаните секоја недоследност во однос на безбедноста на храната да ја пријават на бесплатната телефонска линија 0800 3 22 22, но и лично или на info@fva.gov.mk, истакнува Бабовски и додава дека безбедноста на храната е грижа на сите вклучени во системот, почнувајќи од државата и институциите, операторите со храна, но и потрошувачите.