Националниот Сојуз на глуви и наглуви на Република Македонија во петок ќе го одбележи Светскиот ден на глуви и наглуви и 70-годишнината од своето основање со манифестација што ќе се одржи во Македонска Филхармонија.

На манифестацијата ќе присуствуваат повеќе од 250 членови (глуви и наглуви) од здруженијата низ цела Македонија, глуви ученици од училиштата Партеније Зографски – Скопје и Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух Кочо Рацин – Битола, кои ќе го збогатат одбележувањето со свој настап. Ќе присуствуваат преставници од Министерството за труд и социјална политика, од Владата, како и градоначалници од општините на Градот Скопје, кои дадоа придонес во организирањето на овој настан.

Обраќање ќе има претседателот на Сојузот, Томица Стојановски, кој ќе ги запознае присутните за моменталната состојба на Сојузот како и за нивната организациска поставеност. Ќе ги запознае и за сите реформи во Сојузот што во наредните две години се планираат да се спроведат, за сите нови проекти кои во иднина планира Сојузот да ги реализира, а се неопходни со цел да се постигне ефективен одговор на потребите на глувите и наглуви во Македонија.

Националниот Сојуз на глуви и наглуви е основан 28 март 1948 година. Во текот на своето постоење главен акцент посветуваат на едукацијата и рехабилитацијата на глувите и наглувите лица на територијата на Република Македонија.