Од денеска функционира единствениот број за итни случаи 112. Со тоа, сега помош може да се добие само со вртење на бројот 112, наместо да се врти на четири броеви за итни случаи 192 – Полиција, 193 – Пожарна, 194 – Брза помош и 195 – Центар за управување со кризи (ЦУК). Потоа повикот ќе се пренасочува преку системот кон оној за кого е наменет.

Со пуштањето на употреба на бројот, кој овозможува со телефонско јавување на само еден број, 112, во најкраток можен рок граѓаните на Македонија ќе ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или на противпожарната бригада, од било каде во државата.

Премиерот Ковачевски во денешното обраќање, истакнувајќи ја важноста на системот Е-112, како вистинско олеснување за граѓаните, подвлече дека системот обезбедува вклучување на сите служби за итна помош и асистенција на полиција за спроведување на ред и мир, за обезбедување редовен сообраќај, како и комуналните служби, кои по потреба се активираат, поради опасности по животот на граѓаните и поради загрозување на материјалните добра и имотот на граѓаните и државата.

Тој истакна дека во центрите работат и оперативци обучени да примат повик и да воспостават комуникација и со лица со различни попречености, што е во согласност со врвниот принцип за поврзување меѓу луѓето на кои им е потребна итна помош со оперативните служби за пружање помош како највисок приоритет.

Директорот на ЦУК, Ангелов истана дека единствениот повикувачки број, кој ги обединува броевите 192, 193, 194 и 195 ќе го олесни животот на граѓаните, на кои во одредени животни ситуации ќе им биде потребна помош. Тој информираше дека старите броеви ќе продолжат да постојат уште подолг период додека биде потребно и додаде дека овој единствен систем ќе помогне во детектирање на одредени слабости и ќе биде овозможено преземање мерки за нивно успешно надминување.