Откако Министерот за здравство, Венко Филипче, во последен момент објави дека на Скопје и скопјани им следи полициски час од 80 часа, на градските пазари и поголемите маркети се создадоа километарски колони. Причината за ваквите гужви е тоа што на граѓаните им беше оставено многу кратко време да се подготват за маратонскиот карантин. На социјалните мрежи беа објавени слики на кои беше покажана огромната гужва на зелените пазари која на моменти ја премина границата на трпеливост, а продавачите беа сведоци и на неколку тепачки помеѓу граѓаните во борбата за обезбедување на потребните намирници.

Она што можеше да се забележи барем како позитивна критика за граѓаните е тоа што сите носат заштитни маски и ракавици, но загрижува фактот што невозможно е одржувањето на потребната дистанца од 2 метри. Дел од купувачите на пазарите реагираа на социјалните мрежи и посочија дека вината за состојбата со коронавирусот во државата ја гледаат единствено во властите и надлежните институции. Тие велат дека мерките прерано се олабавија, а позадината на сето тоа е политиката односно потребата на СДС за предвремени парламентарни избори. Според нивните коментари, властите работат единствено само кога треба да ги објават бројките на новозаболени, оздравени и починати, а вистинската работа за која се избрани од народот несовесно и несериозно си ја извршуваат, односно не ја извршуваат. Тие се револтирани дека премалку се води грижа за здравјето на граѓаните, а премногу се тера политика.

Уште позагрижувачки беа сликите на социјалните медиуми кои покажуваат километарски колони од автомобили кои само неколку часа пред почетокот на полицискиот час се обидуваат да го напуштат главниот град за да не мораат да бидат затворени во своите домови. Коментарите на кои наидовме велат дека на ваков начин властите нема да постигнат ништо, односно нините одлуки само ќе допринесат во ширење на вирусот по останатите градови од Македонија.

Граѓаните загрижени и незадоволни од целосното справување со корона-кризата порачуваат: Оставка на Министерот за здравство, Венко Филипче и тоа веднаш!, се само дел од коментарите на кои наидовме на социјалните мрежи.