Повеќе од една година Струга и Охрид немаат дежурни аптеки во вечерните и ноќните часови. Поради ваквата состојба граѓаните за неопходните лекарства се принудени да чекаат до наутро. Во многу случаи тоа е проблем.

„Треба да има аптеки што ќе работат цела вечер бидејќи ова е туристичко место и луѓето имаат потреба, не само ние што живееме тука, туку и за туристите што доаѓаат.“

„Во секој случај мислам дека пациентите имаат потреба од тоа. Лично јас ми се случило да излезам навечер и да барам аптека и секаде да е затворено. Ќе чекаме до наутро, ќе трпите“, реагираат граѓаните.

И матичните лекари велат дека и до нив стигнуваат реакции од пациенти, но оти се немоќни да им помогнат.

„Во текот на летната сезона особено има потреба од дежурна аптека, барем тоа да биде аптеката која работи во состав на Медицинскиот центар во Струга каде би можеле на друг начин да се организираат самите фармацевти. Барем таа аптека е сепак добро да работи“, рече Хаџер Алиед – лекар од Струга.

Во Охрид и Струга нема ниту дежурни матични лекари во вечерните часови и за време на викендите, па итните случаи се препраќаат во градските болници, а најтешко е со болните деца.

Во минатото и во Охрид и во Струга имаше дежурни аптеки. Но, поради безбедносни причини и финансиска неисплатливост, одлучија со доаѓањето на мракот да ги затворат портите.