Нашиот најубав бисер, Охридското Езеро кое е заштитено од УНЕСКО деновиве се соочува со еден куп отпад кој благодарение на ветерот се вади на површината. Досега комуналните работници собраа повеќе од педесет метри кубни отпад кој во основа го сочинуваат пластични шишиња, кондури, картони, најлон ќеси, лименки, поточно тешко разградлив комунален отпад.

Ваквата состојба во голема мера предизвикува загадување на целокупниот еко-систем на Охридското езеро кое е дом на многубројни живи организми кои угинуваат исклучиво благодарение на ваквата негрижа. Од Јавно претпријатие Охридски комуналец посочуваат дека ова се случува само како последица на несовесни граѓани, но и на ниската еколошка свест на граѓаните. Тие велат дека отпадот се фрла и во самите реки и суводолици, па затоа се фрла и во езерото.

Она кое ги загрижува граѓаните е тоа што се фрла отпад и во вид на дотрајани кади, шпорети, бојлери, фрижидери. Охридските нуркачи пак посочуваат дека доколку ваквата состојба продолжи, Охридското езеро ќе стане само една обична хидро-акумулација полна со вода која ќе изобилува со зони со недостаток на кислород. Резултатот ќе биде угинување на живите организми во езерото, но и на сите останати кои зависат од него.

Охридското комунално претпријатие размислува да постави решетки по течението на реките за барем да се запре влевањето на цврст отпад во езерото.