Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев, денеска потврди дека околу 15 здравствени работници од штипската болница се уште ја немаат добиено наградата од 30 000 денари. Тие во битката со коронавирусот се вклучиле по 6-ти декември, а до Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување е испратен дополнителниот список со имињата на овие вработени. Наградата за битката со коронавирусот е пристигната до над 220 вработени во штипската болница.

-После датумот кога беше направен пресекот и друг персонал се вклучи во битката со коронавирусот. Така да парите беа пуштени само врз база на првобитните списоци, се она што отпосле дојде да работи таму. Ние имаме неколку пати комуникација со Министерство за здравство. Ние сме спремни како болница да им ги дадеме наградите, коишто отпосле дојдоа и се вклучија во битката со коронаинфекцијата. Но, мора да имаме одобрение од Министерство за здравство, кое го чекаме да ни го одобри и од сопствени средства да им даде награда на луѓето, кои отпосле се вклучија во битката, вели Ѓеорѓијев.

Во штипската модуларна болница во моментов се хоспитализирани тројца пациенти, од кои еден е потежок, а останатите двајца се со полесна здравствена состојба. Во моментов тече и реконструкцијата на зградата на Инфективното одделение. Според проценките на Ѓеорѓијев досега околу 30% од градежните работи се завршени, а рокот за санација е крајот на август.