Обединетите нации предупредуваат дека поради климатските промени, екстремните горештини и шумски пожари ќе сатанат почести, поинтензивни и подолги. Тоа ќе го влоши квалитетот на воздухот и здравјето на луѓето, велат оттаму. Според објавениот извештај на Светската метеоролошка организација, се поизразеното загадување заедно со загревањето на планетата ќе има последици врз климата, поради што ќе страдаат милиони луѓе.

Годишниот билтен за квалитетот на воздухот и климата што го објавува Агенцијата на ОН го нагласува влијанието на чадот од шумските пожари во 2021 година откако, како и во 2020 година, горешните и сушата придонеле за ширењето на шумските пожари во западна Северна Америка и Сибир, предизвикувајќи значително зголемување на нивото на честички (PM 2,5) штетни по здравјето.

– Според проекциите, дури и со слаба емисија, затоплувањето на планетата ќе предизвика зголемување на бројот на шумски пожари и загадување на атмосферата, појасни генералниот секретар на Светската метеоролошка организација, Петри Таалас. Тој нагласува дека таа појава ќе влијае врз здравјето на луѓето, но и на еко-системите бидејќи атмосферските загадувачи паѓаат на површината на Земјата.

– Го набљудувавме овој процес за време на големите горештини што ги погодија Европа и Кина оваа година, кога стабилните атмосферски услови, сончевото време и слабите ветрови фаворизираа зголемени нивоа на загадување, рече тој.

Според набљудувањата на планетарно ниво, изминатите дваесет години опожарени се помалку површини гледано на годишно ниво благодарение на помалиот број пожари во саваните и прериите, но на континентално ниво забележана е тенденција на зголемен број пожари во одредени региони, особено во западниот дел на Северна Америка, во Амазонија и во Австралија.

Големите шумски пожари од јули минатата година предизвикаа ненормално покачени нивоа на ПМ 2,5 честичките во Сибир, Канада и во западниот дел на САД. Поради особено високите температури и сушата во источен Сибир се достигнати досега невидени концентрации, тврди Светската метеоролошка организација.

Тоа може уште повеќе да го влоши квалитетот на воздухот поради таканаречената „климатска реакција“, односно влијанието на климатските промени врз зголемувањето на нивото на озон на земјата, на штета на воздухот што го дишеме.