Јавната здравствена установа Здравствен дом ,,Неготино“ во изминатите две години максимално се залага за унапредување на здравствената заштита на населението во двете општини Неготино и Демир Капија, информираше денеска директорката Билјана Филипова.

-За овие две години, покрај тековните набавки на годишно ниво, набавени се комплетна опрема за одделение по физикална медицина и рехабилитација, комплетна опремена биохемиска лабораторија, комплетно опремено одделение по офталмологија, медицинска опрема (2 ехо апарати) во одделение по интерна медицина, нагласи директорката.

Таа соопшти дека набавени се и две патнички возила, хардверска и софтверска опрема, клима уреди, направена е реконструкција на парен котел, нови прозорци и врати, работна облека за вработените.

-По 38 години од постоењето на ЈЗУ Здравствен дом ,,Неготино“, за прв пат е направена реконструкција на патека и канделабрите, со хортикултурно уредување на дел од надворешниот простор, информираше Филипова.

Реализирани се 15 нови вработувања (на испразнети работни места по разни основи), со што, како што рече, обезбедено е оптимално работење во установата.

-Упативме доктор на медицина на специјализација, но продолжуваме и понатаму бидејќи секогаш можеме повеќе. За сите наши залагања и успеси најголема благодарност ни се задоволството и пофалбите од населението, нагласи директорката, замолувајќи ги сите да придонесат со предлози и идеи, за заеднички да се изградат подобри услови и подобра здравствена заштита.