Со трчањето можете да ја запознаете вашата околина, можете да запознаете нови луѓе, и при тоа ќе ви се подигне расположението. Прочитајте ги причините зошто сега е право време да почнете да трчате, а исто така ќе ви дадеме совети како најдобро да го одработите вашиот тренинг.
Трчањето е бесплатно, пристапно и сѐ што ви е потребно се добри патики и силна волја. Запомнете дека секој почеток е тежок. На вашето тело ќе му бидат потребни неколку недели за да се навикне на трчањето, особено ако не сте во добра кондиција. Со секое следно трчање ќе ви биде полесно. Постои голема веројатност да станете зависни од трчањето. Научниците утврдиле дека трчањето поттикнува толку многу позитивни активности во мозокот што луѓето после некое време стануваат навистина зависни од тоа.
Човекот уште од самите свои почетоци одел и трчал. Тие активности се најприродни за него и на одреден начин се во неговите гени. За жал, трчањето и одењето ги заменивме со различни облици на превоз. Научниците докажаа дека со трчањето се намалува нивото на холестерол, масти, триглицериди и шеќер во крв. Се намалува и ризикот од ралзични болести, особено дијабетес и срцеви заболувања.
Освен на телото, трчањето влијае позитивно и на умот. Со трчањето се намалува ризикот од депресија. Се намалува нивото на стрес, анксиозност и поттикнува добро расположение. Со трчањето како и со други физички активности се поттикнува ослободување на серотоним, хормонот на среќата.
Кога трчате се борите со негативните мисли и тоа подоцна ќе се преслика во сите животни аспекти. Трчањето ќе ве научи на дисциплина и ќе ве натера да се борите со сите препреки и ќе ве направи посилна личност.