Сигурно сте убедени дека живеете здраво и ги следите сите совети на нутриционистите, редовно вежбате и некако ви се чини дека сте сосема здрави. Но, грешките кои ги правите водејќи здрав живот, ќе ве уверат во спротивното.

Експертите посочуваат дека дури и да правите се како што треба, не значи дека водите во потполност здрав живот. Често пати при слепото следење на советите од експертите, забораваме на некои основни нешта кои ни штетат повеќе отколку што ни користат. Еве за што се работи:

Се присилувате себеси дека сакате здрава храна: Здравиот начин на живот значи потполно менување на вашите навики, но тоа не значи дека треба да јадете она што не го сакате. Одберете алтернатива. На пример доколку не сакате домати, земете пиперка. Постојаните ограничувања ќе ве доведат само до неуспех.

Пиете премногу вода: Традиционалните два литри се само просечна количина на течност која му е потребна на секој здрав организам. Но единствено лекарски преглед и консултација со нутриционист ќе ви помогне да дознаете колкава количина на течност ви е потребна. Прекумерниот внес на вода може да доведе до различни компликации во организмот, особено во уринарниот систем.

Купувате храна според содржината на калории: Ова е проблематично бидејќи нискиот број калории и ниската содржина на масти не секогаш се гаранција за предност при изборот на намирници. Количината на останатите хранливи материи кои му се потребни на организмот е исто така важна. Обрнете внимание на состојките, а не само на калориите.

Го игнорирате стресот: Можете да внесувате здрава храна во организмот, но тоа нема да ви помогне доколку константно сте под стрес. Прекумерната тежина, проблемите со варењето и несоницата се само некои од болестите со кои би можеле да се соочат претерано нервозните луѓе. Експертите советуваат барем еднаш неделно да се вежба јога која особено помага во ослободување од напнатостите.

Земате мултивитамини: Мултивитамините го заштитуваат телото со сите елементи одеднаш, а на вашето тело можеби и не му се потребни сите мултивитамини. Според советите од експертите најдобро би било да се консултирате со доктор и да ги земате само оние витамини кои му се потребни на вашето тело. Остатокот најдобро е да го надокнадите природно преку храната.

Не ги кршите правилата: Не заборавајте понекогаш да си дадете оддишка иако сте на строг режим на исхрана. Долгите ограничувања и неможноста да се почестите со мали парчиња чоколадо, секако ќе доведат до стрес и непотребна нервоза.

Мислите дека да си слаб е синоним за здрава личност: Модата за неприродно слабеење се чини дека е помината и сите некако разбраа дека нема ништо во гладувањето и несразмерната телесна тежина. Но многу луѓе и понатаму продолжуваат да водат нездрав живот бидејќи се водат по лошо осмислени диети и строги ограничувања.

Го следите принципот „Без болка нема добивка“: Болката во мускулите не значи секогаш успешен тренинг бидејќи болката понекогаш може да значи недоволна загреаност на телото пред тренинг или прекумерно оптоварување. Секогаш слушајте го вашето тело и сопрете на време.

Не спиете доволно: Станувањето 15 минути порано за да ги направите утринските вежби е добра работа, но ако почнете да го жртвувате сонот заради вежби тогаш и вежбите нема да ви користат. На мускулите им е потребен одмор и опоравување, а здравиот сон е токму она што ќе ви помогне да го намалите нивото на стрес, напнатост и умор.

Затоа, запрашајте се дали навистина водите здрав живот или се пронаоѓате во некои од овие навики кои се всушност грешки при водењето здрав живот. Потребно е само да обрнете внимание на некои основни потреби на човечкиот организам и освен советите од експертите да го слушате и своето тело. Само со таква рамнотежа можете навистина да водите здрав живот.