Постојат стотици различни причини кои можат да предизвикаат главоболка. Ако не сакате при секоја појава на болка во главата да пиете апче, или ако пиете таблети кои не ви помагаат, можете да се обидете да ја излекувате главоболката по природен пат.

Еве некои од најпопуларните природни лекови:

Ставете ладна облога. Ладните облоги делуваат како локален анестетик. Не мора да имате мраз, едноставно земете замрзнат зеленчук и завиткајте го во крпа. Таквата ладна облога ставете ја на челото или слепоочниците. Можете да искористите и обична крпа намокрена со ладна вода.

Масирајте се со етерично масло од нане на слепоочниците. Етеричното масло од нане ја намалува главоболката. Но, освен на слепоочниците, со масирање нанесете го и на вратот и рамената за да ја намалите напнатоста.

Ставете кесички чај од нане на затворени очи. Земете две кесички чај од нане и потопете ги во топла вода. Потоа легнете, затворете ги очите и ставете ги кесичките врз очните капаци. Лежете 10-тина минути.
Потопете ги нозете во топла вода со неколку капки масло од лаванда. Топлата вода ќе предизвика во нозете да надојде повеќе крв и со тоа ќе го намали притисокот во крвните садови насекаде низ телото, вклучително и во главата.

Маслото од лаванда со својата арома помага за релаксација и олеснување на болката.
Напијте се чај од камилица, рузмарин или ѓумбир. Направете 15 минути пауза, направете си чај и пијте го бавно во тивка соба. Чајот од камилица содржи супстанции кои ќе ви ја намалат болката и ќе ви помогнат да се опуштите. Се верува дека чајот од рузмарин го спречува зголемувањето на болката.

Ѓумбирот се користи за лекување на главоболка и вртоглавица, а особено помага при појава на мигрена. Ставете две парчиња ѓумбир во половина литар жешка вода, покријте го садот и оставете го да врие многу тивко половина час.

Напијте се кафе (или кафе со лимон). Повеќето луѓе уште при првиот знак на главоболка се фаќаат за шолја кафе. Да, навистина кафето помага против главоболка, но не треба да претерувате. Една до две шолји кафе можат да ви помогнат, но сè што е повеќе од тоа може да има негативен ефект. Многумина тврдат дека кафето со лимон помага уште повеќе. Па, не е лошо да се напиете силно турско кафе со малку лимон.

Напијте се две чаши вода. Верувале или не, водата може да ја отстрани главоболката. Една од најчестите причини за појава на главоболка е дехидратацијата. Па, консумирањето на вода е еден од наједноставните начини за лекување на главоболката. За да го спречите појавувањето на главоболка од дехидратација, пијте редовно вода во текот на целиот ден, а особено ако вежбате или кога времето е жешко.

Искористете ја моќта на „Хоку“ точката. Употребете ги врвовите на палецот и показалецот од едната рака за да го притискате месото помеѓу палецот и показалецот на другата рака. Притискајте нежно и масирајте ја таа точка со кружни движења 1-2 минути, а потоа повторете го истото и на другата рака. Ако сте бремена, не го употребувајте овој метод.

Врзете марама на челото. Земете шалче или марама и врзете го стегнато на челото. Веднаш ќе предизвикате намалување на главоболката. Некои луѓе препорачуваат марамата да биде натопена со вински оцет.

ДОПОЛНИТЕЛНИ СОВЕТИ

Хранете се редовно. Не дозволувајте да поминат повеќе од 5 часа без да сте ставиле ништо в уста. Честопати главоболката се појавува поради глад и лесно можете да ја излечите со мал оброк.
Не пушете и не претерувајте со алкохолот. Секој пушач има почувствувано главоболка предизвикана од цигарите. Иако многу пушачи чувствуваат дека чадот им штети, сепак не се откажуваат од пушењето.

Не е никаква тајна дека и алкохолот предизвикува главоболка, особено ако се консумира во големи количини. Одредени пијалоци, како што е црвеното вино, предизвикуваат главоболка многу повеќе од други пијалоци. Па, ако често страдате од главоболки или мигрена, избегнувајте го црвеното вино.

Седете исправени. Положбата на телото не е важна само за коските и за вашиот изглед. Ако седите неправилно и подгрбавени, мускулите на вратот и рамената се понапрегнати и тоа може да предизвика главоболка.

Вежбајте редовно. Со физичката активност се зголемува создавањето на ендорфини во телото, а тие на природен начин ја намалуваат болката. Експертите советуваат да практикувате барем 20-минутна физичка активност три пати неделно (брзо одење, трчање, аеробик). Ако сте во подобра кондиција, се препорачува да вежбате и по 5 пати неделно по околу 40 минути.