Здравствените агенции на Обединетите нации денеска предупредија на зголемениот ризик од разболување со сипаници, детска парализа, жолта треска и дифтерија кај децата од Африка. Причината лежи во нарушениот тек на процесот на имунизација поради пандемијата со Ковид-19.

-Дури и пред пандемијата имаше загрижувачки индикации дека ќе почнеме да ја губиме трката против детските болести што можат да се спречат, но 20 милиони деца веќе доцнат со примање важни вакцини, изјави денеска извршната директорка на УНИЦЕФ, Хенриета Форе во заедничка изјава со СЗО и Алијансата за вакцинации ГАВИ.

СЗО открива дека во моментов се запрени најмалку 60 масовни имунизации во 50 земји во светот, со што 228 милиони лица, главно деца, се изложени на ризик од заразување со болести што можат да се спречат. Повеќе од половината од погодените земји со овој проблем се наоѓаат во Африка.

Инаку во споредба со 2020 година, постигнат е напредок во обезбедувањето вакцини кои беа прекинати поради пандемијата, но повеќе од една третина од 135 земји под контрола на Светската здравствена организација (СЗО) се уште очекуваат потешкотии.