1. Секојдневно ќе примате инјекции

 Во минатото ова беше вистина, кога и самата интервенција и процедура беше на почеток. Иглите беа потребни за да се испитуваат хормоните, работата на јајниците, за извлекување здрави јајце клетки, за примање на терапијата… Со текот на времето се развиваат многу полесни методи на одредување на плодноста, а постојат и такви за испитување на хормоните преку плунката. Исто така, наместо инјекции, може да се земаат хормонални таблети или да се стимулираат јајниците преку соодветни спрејови или фластери.

2. Морате да имате витални јајници за да бидете соодветен кандидат

Исто така, верувањето дека успешноста е поголема кај младите жени останува во минатото. Денеска постојат голем број методи со кои се стимулира работата на јајниците или пак се прави нивно „оживување“. На тој начин, дури и повозрасна кандидатка може да создаде доволен број јајце клетки, кои потоа се извлекуваат од нејзиното тело и се избираат најквалитетните, со кои би продолжила процедурата.

3. Мора да зачувате замрзнати ембриони

Во зависност од клиничката слика на жената или на двајцата партнери, замрзнувањето помага да се има поголем број ембриони подготвени за трансфер во матката. Нема значајна разлика помеѓу употребата на замрзнати или „свежи“ ембриони кога е во прашање шансата за успешност на интервенцијата. Единствена разлика е во цената, бидејќи чувањето на ембрионите се плаќа дополнително. Од друга страна, пак, во некои центри за плодност трансферот на штотуку создаден ембрион е и до 30% поскап отколку на замрзнат.

4. Нема да можете финансиски да издржите

Факт е дека целата процедура може да биде доста скапа, но во борбата за потомство, многу парови не бираат колку ќе платат. Во некои држави постои и посебна програма за вонтелесно оплодување, во која фондовите за здравство покриваат дел од трошоците. Секако, постојат и други методи, како што е инсеминацијата, која е многу поевтина од вештачкото оплодување, а може да резултира со бременост и по првиот третман. Сепак, експертите за плодност се оние кои ја прават процената.

5. Забременувањето е гарантирано

Ова е една од најлошите лаги во кои сакаат да се убедат паровите. Вистина е дека самата процедура станува сè понапредна, но некогаш се потребни и по неколку обиди за таа да биде успешна. Шансите за забременување статистички се најголеми кај жени помлади од 35 години, а потоа веројатноста опаѓа, но и ова не е правило по кое пациентката треба да се води, бидејќи секој организам е различен. Лекарите експерти советуваат жената да остане мирна, релаксирана и да избегнува стрес, но и да воспостави здрав животен стил.