Попладнево се одржа мирен протест на пациентите до цистична фиброза пред Влада, откако во текот на вчерашниот ден почина Благојче Илијевски, кој беше еден од најтешките случаи со оваа болест.

Запалени свеќи, венец и букет цвеќе оставија неговите пријатели пред Владата и испратија порака – немаме време за губење, изгубивме прекрасен човек. Благојче беше најтешко болниот пациент од цистична фиброза десетина години при што речиси постојано беше на кислородна поддршка, а на секои два месеци мораше да оди со брза помош од Битола до Скопје.

Во својата последна изјава Благојче рече дека состојбата секојдневно му се влошува и дека се надева дека ќе го добие лекот.

– Јас верувам дека сум во онаа група од осум пациенти кои сме во најтешка здравствена состојба и дека први би го добиле, но образложението дека процедурата ќе биде подолга додека се случи набавката, некако нè обесхрабри. Од последниот пат кога разговаравме, а тоа беше кон крајот на ноември, јас уште еднаш бев хоспитализиран. Повторно 12 дена на Клиниката за пулмологија, го чистат белодробието до секретот, но верувајте состојбата не ми се подобрува, и сега ме слушате како едвај дишам, како не можам да искашлам. Ми останува навистина само да се надевам дека ќе дочекам да почнам терапија со „Трикафта“, се вели во последната изјава на Илиевски.