Под мотото “Сплотени до целта” во салата на Советот на Општина Кисела Вода, а во организација на Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ се одржа дебата посветена на Неделата на сестринство на која присуствуваа претставници на здруженијата на медицински сестри и други медицински профили.

Специјалистот по семејна и патронажна грижа, Д-р Анита Димовска, посочи дека Македонија од земја расадник на квалитен медицински кадар се претвори до земја на аматери во сестринството.

– Од земја лидер во сестринските практики до земја со најголема смртност во периодот на пандемијата. Од најпочитувана, до најдеградирана професија. Можеме да молчиме и да гледаме стихијно како тонеме, но можеме да го одбереме и другиот пат сплотени сите професионалци со средно, високо образование, специјализации, магистри или доктори на сестрински науки,како и нашите логопеди, физиотерапевти, ртг технолози, биотехнолози, лаборанти, акушерки да ги обединиме нашите барања и со заедничка платформа да настапиме пред надлежните институции, рече Димовска.

Снежана Исаковска, медицинска сестра, посочи дека потребен е закон за медицински сестри. Условите во кои работат, вели таа, се потпросечни, а потребно е зголемување на коефициентот на плата со оглед дека во моментов платите на медициските сестри се демотивирачки, или се близу минималната плата.

Гоце Марков, специјалист по семејна нега и патронажна медицина, рече дека иако медицинските сестри и техничари се вклучени во примарно, секундарно и терциерно ниво и поминаа тежок период во ковид кризата не се соодветно вреднувани. Нема доволно медицински сестри и техничари, нивната бројка е алармантно ниска, објави Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ на својата фејсбук страна.