Подваријантите на омикронските соеви BA.4 и BA.5, се одговорни за последното зголемување на бројот на заразени луѓе ширум светот. Она што може да се види досега е дека новите подтипови на омикрон полесно се пренесуваат од првите подваријанти.

Причината може да биде и фактот што BA.5 и BA.4 полесно го заобиколуваат постоечкиот имунитет, без разлика дали е создаден со вакцинација или претходна инфекција.

Магазинот Тајм ги пренесува резултатите од студиите кои покажаа дека антителата предизвикани од инфекција со претходните подтипови на сојот омикрон обезбедуваат послаба заштита од инфекција со варијантите BA.4 и BA.5. Ова објаснува и зошто дури и луѓето кои биле заразени пред неколку месеци за време на претходниот голем бран, кој се случи по доаѓањето на омокронот, се разболуваат во овој бран.

Дополнително, новите варијанти го заобиколуваат имунитетот на вакцините.

Засега нема дефинитивни одговори колку е сериозна болеста, а искуствата во земјите се различни. Во Јужна Африка, каде што овие две подваријанти станаа доминантни пред Европа, имаше голем број заразени, додека бројот на хоспитализирани беше ист како и во претходниот омикронски бран. Притоа бројот на починати беше нешто помал.

Симптомите на подваријантите на сојот омикрон, како и нивните претходници, остануваат повеќе во горниот респираторен тракт, па најчестите се течење на нос, или назална конгестија, болки во грлото, замор, болки во зглобовите, кашлица, па сè изгледа како обична настинка.