Владата на денешната редовна седница донесе одлука за продолжување на забраната и посебниот режим на движење на граѓаните на целата територија на Република Македонија. Полицискиот час од денеска ќе важи во временскиот период од 20:00 вечерва до 5:00 часот наредниот ден и ќе трае се до 20 април 2021 година.

Мерката се очекува да го намали бројот на новозаразени, но и да го намали оптоварувањето на здравствените работници со цел успешно справување со последиците од КОВИД-19 пандемијата, се вели во соопштението на Владата.

За граѓаните кои живеат во станбени објекти за колективно домување и што имаат домашни миленичиња (кучиња), може да ги изнесуваат надвор од своите домови во вечерните часови во времетраење од еден час, почнувајќи од 22:00 до 23:00 часот, најмногу до 100 метри од објектот каде живеат.

На граѓаните, кои извршиле имунизација/вакцинација во центрите за вакцинација, во временски период непосредно пред започнување на забраната и посебниот режим на движење им се дозволува враќање до своето живеалиште/престојувалиште врз основа на потврдата за извршена вакцинација.

Се забранува посета на сите угостителски објекти или на бензиските станици, а оние кои вршат подготовка и продажба на храна можат да остваруваат продажба на алтернативен начин почнувајќи од 7 април до 20 април годинава. Се забранува и посета на сите обложувалници, казина, вежбалници, фитнес клубови, спортски центри, работилници и слично.

На седницата беше прифатено и укажувањето на Главниот кризен штаб за потребата од стриктно почитување на забраната за собирање во групи и групирања на повеќе од четири лица на јавен простор, паркови, или било која површина на отворено. Ова важи на целата територија на државата секој ден во текот на седмицата.