Посебниот полициски час за пензионерите и младите лица под 18 години од денеска се укинува. За нив ќе важи полицискиот час исто како и за сите останати граѓани, односно ќе можат да се движат од 5 часот наутро до 19 часот попладне. Уставните судии со мнозинство гласови одлучија да изречат времена забрана за владината уредба со која што се ограничуваше движењето на овие две категории граѓани.

Конечната одлука уставните судии ќе ја донесат на некоја од следните седници. Според мнозинството членови на Уставниот суд, ваквата владина одлука е дискриминирачка.

Сојузот на здружение на пензионерите вчера побара за лицата над 67 години да се олеснат рестрикциите за движење. Нивното образложение е дека во услови кога пандемијата од корона вирусот стивнува, посебната забрана за движење на пензионерите повеќе не е неопходна.

Инаку Уставниот суд одлучи да не поведе постапка за уредбата за изборите, но и донесе конечна одлука за владината уредба со која требаше да се исплатат заостанатите примања на вработените во поранешното СЈО.