Стравот од коронавирусот ги празни маркетите и аптеките. Иако нема место за паника, граѓани сакаат да бидат снабдени „за секој случај“, пишува Дојче веле.

И покрај апелот на здравствените властите дека нема простор за паника, откако во Скопје беше потврден првиот случај на лице заболено од коронавирусот, состојбата е спротивна на апелите и препораките. Маркетите во главниот град вчера беа буквално „нападнати“ од безброј граѓани, во обид да купат сѐ, што според нивните очекувања, би им било потребно ако евентуално се соочат со ситуација на ограничено движење заради заштита од вирусот.

Таквата психоза е највидлива во големите маркети: доминираат преполни колички со производи, долги редици, а во многу случаи и вербални расправии за тоа кој прв посегнал по последното пакување на антибактериски марамичиња. Најиспразнети се рафтовите на кои стојат токму овие производи, а ги нема ниантибактериските гелови за дезинфекција на рацете, како и средства за дезинфекција со висок процент на алкохол.

„Во аптеките никаде нема медицински алкохол. Во маркетов ги земав последните две пакувања од некое средство за дезинфекција, но со многу помал процент на алкохол. Добро е што го најдов барем тоа”, објаснува возрасна скопјанка.

Нејзиниот внук и` помага во туркањето на две колички натоварени со масло за исхрана, тестенини, брашно, шеќер, конзервирана храна со подолг рок на траење, производи од соја, двопек, вода, сапуни, детергенти…

„Не, не сум во паника. Но, подобро е да се снабдам со некои основни производи за да не мора да излегувам, да не се мешам во толпа, бидејќи кажуваат дека вирусот бил ризичен за лица во поодминати години кои имаат и други здравствени проблеми. Јас влегувам точно во таа категорија. Ако е посигурно да седам дома, барем да си набавам се` што ми треба, за секој случај “, објаснува таа.

На зелените пазари фреквенцијата е вообичаена како и во другите денови, но во последните денови била зголемена продажбата на цитруси, најмногу на лимони, и на уште еден производ – лукот.

„За два дена продадов лук, колку што продавам за еден месец. Сите бараат ‘природен антибиотик’. Некои купуваат вообичаено, главица или две, некои земаат и низи. Ги прашувам – поради вирусот ли барате лук, велат – за превентива, за имунитет, за општо здравје“, вели продавач.

Но, најголемата врвулица засега е во аптеките.

„Маски и медицински алкохол – тоа се двата производа што од вчера најмногу ги бараат сите што влегуваат овде, заедно со дезинфекциски мармчиња и гелови. Се` се продаде. Само за половина час ги продадовме сите залихи од овие производи и сега чекаме да стигнат нови”, објаснува аптекарка.

Веќе неколку денови ги нема обичните заштитни маски, како ни оние со филтер, за употреба од 72 или 120 часови. Вторите, кои претходно се продавале од 120 до 130 денари, сега чинат 300 денари, но тешко се наоѓаат. Од аптеките велат дека се нарачани нови количини, со оглед на големата побарувачка. Епидемилозите објаснуваат дека маските не можат да обезбедат превенција од коронавирусот, а истото вчера го повтори и министерот за здравство, Венко Филипче.

„Може да се зголеми ризикот за инфекција поради манипулацијата на маската со раце, со оглед на тоа што оваа инфекција се пренесува токму преку раце и вирусот одреден период останува на површините“, објасни министерот.

Но, и покрај ваквите објаснувања, побарувачката на маски не е намалена.