Бројот на новозаболени од коронавирусот во државава повторно е во пораст. Според вчерашните податоци од Институтот за јавно здравје, регистрирани се 37 нови случаи со Ковид-19, со што вкупниот број дијагностицирани од почетокот на епидемијата, досега, достигна 1.978, бројката на починати е 113, оздравени пациенти се 1.422, а има и 443 активни случаи.

Од 37-те новозаболени од Ковид-19, 12 се во Скопје и тоа пет во општината Гази Баба, по два во Бутел и Чаир, и по еден во Сарај, Карпош 1 и Аеродром.

Најголем број дијагностицирани досега има во Скопје – 713, а активни се 199 случаи, потоа следат Куманово со 433 заболени и 34 активни случаи, Прилеп со 210 заболени и 48 активни случаи, Тетово со 172 заболени и 77 активни случаи, Велес со 127 заболени и 43 активни случаи…

Во земјата се направени вкупно 25.270 тестирања на Ковид -19. Двајца позитивни на Ковид-19 се откриени во рамки на скринингот на вработените во градинките, а вчера е регистриран и еден позитивен случај во Геронтолошка установа во Скопје. Досега со скринингот направени се 2.248 тестирања на Ковид-19.

Министерот за здравство Венко Филипче информираше дека скринингот во градинките завршува оваа недела и најави дека детските установи ќе почнат со работа кон почетокот на јуни.

Бројот на хоспитализирани со Ковид-19 не се намалува. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 58 пациенти од кои на кислородна поддршка се 24, а на механичка вентилација се двајца пациенти. Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализирани 18 пациенти од кои на респиратор се пет пациенти, a со потешка клиничка слика се уште четворица пациенти. Во болницата во Битола се хоспитализирани тројца пациенти, еден пациент во тешка состојба е пратен на Инфективната клиника во Скопје, а на домашно лекување се следат уште четворица пациенти. Во болницата во Штип се хоспитализирани пет пациенти и нема пациенти кои се следат на домашно лекување. На инфективните одделенија во Тетово, Велес, Куманово, Прилеп и Охрид се хоспитализирани 42 пациенти, позитивни и сомнителни на Ковид-19.

Рестриктивните мерки почнаа да се олабавуваат, работат моловите (секој ден освен во недела, со работно време од 10 до 18 часот, но се уште не е дозволено примање гости во рестораните и кафулињата освен преку систем на нарачка или достава), обложувалниците, автошколите, стоматолошките ординации… Се очекува да биде донесен план за отворање на угостителските објекти, но тоа ќе зависи од епидемиолошката состојбата и почитувањето на мерките.

Коронавирусот нема да исчезне, посочуваат здравствените стручњаци и надлежните. Поради тоа граѓаните и натаму треба да ги почитуваат препораките за заштита од коронавирусот и да не се групираат, задолжително да носат заштитна опрема (маска, марама) со која ќе им бидат покриени устата и носот, редовно да ги мијат рацете или да ги дезинфицираат и да држат дистанца од два метра.