Голем дел од пратениците во Собранието, главно од СДСМ денеска не беа достапни за јавноста да кажат зошто од државниот буџет земале огромни суми за патни трошоци.
Ако се направи реална математика, пресметката со вклучено гориво, амортизација и патарини со сопствено возило, покажува дека во просек тоа би чинело максимум околу 50 евра за еден ден, или најмногу околу 6.000 евра за пола година за најдалечните дестинации во Државата. Таква е Скопје – Ресен со километража од 205 киломтери во еден, или 410 во двата правца.
Во случај и пратениците да не патуваат со сопствено возило, нека биде и изнајмено, пак сумата е поевтина. Ако се пресмета километражата од Скопје до Ресен пет дена во неделата – сумата би изнесувала околу 3.000 евра за шест месеци, односно по 400, или 500 евра месечно.
И натаму останува отворено прашањето зошто пратениците од власта, земаат сума, за која и самите кажаа дека е многу висока.
Рекордерот во трошење пари со 11.700 евра за половина година, пратеничката на СДСМ Бети Рабаџиеска Наумовска денеска не беше на работа во Собранието. Алфа ја побара во нејзиниот кабинет. Наумовска не беше тука да каже на какво возило заминале парите кои ги земала за патни трошоци за пола година.
Во својот кабинет ја немаше ниту Мира Стојчевска од СДСМ, која и до сега високо котираше по трошење пари.
Пратеникот на СДСМ Хари Локвенец кој потроши нешто повеќе од 7.000 евра за половина година, беше на своето работно место. Не прими во кабинетот, но не сакаше да зборува за патните трошоци.
- Повелете, влезете. Сега работам на активности поврзани околу НАТО. Сега не би сакал да зборувам за патните трошоци, веќе дадов изјава за некои медиуми, рече Локвенец за Алфа.
Во своите кабинети не беа ниту Алија Камбероски од ПЕИ кои за пола година земал 10.355 евра, ниту пратеничката на СДСМ, Анета Симеска Димоска која добила 8.359 евра. Ја немаше ниту Милева Ѓорѓиева, со над 7.000 евра, ниту Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците со 7.962 евра, ни Агим Шаќири од ДУИ 7.600 евра.
Поголем дел од пратениците барем денеска не беа во своите кабинети. Дел од нив ги побаравме и по телефон, но не одговорија на нашите повици.
Претходно, граѓаните силно го осудија ваквото трошење на пратениците. Велат дека било срамота трошењето на народни пари, зашто тие биле избрани токму од граѓаните.
Инаку, според пресметките, патните трошоци на пратениците само лани го чинеле буџетот близу 465.000 евра, или по 50.000 евра месечно за овој луксуз.