Здружението на приватни лекари (ЗПЛ) бара за време на екстремните температури, хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите, информираше денеска Фондот за здравство (ФЗО), а за тоа веднаш било известено и Министерството за здравство.

На состанокот на директорите на ФЗО, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, со претставниците на Здружението на приватни лекари (ЗПЛ), Лилија Чолакова Дервишова и Мевљудин Куч било разговарано и за дигитализацијата на приватните ординации со цел намалување на бирократијата и можноста за злоупотреби, се наведува во денешното соопштение на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).

„Приватните здравствени установи (ПЗУ) се носечки столб на примарното здравство и тие се првиот контакт на граѓаните со лекарите. Нивната подобра ефикасност зависи од подобрите услови за работа, што значи пред сѐ намалување на бирократијата која во моментов е обемна. Планот на ФЗО е значајно да го подигне степенот на дигитализација и со тоа драстично да се намали бирократијата, а во исто време, да се постигне побрз проток на информации помеѓу институциите во здравствениот систем. Дигитализацијата ќе ја намали и можноста за злоупотреби, а во исто време, ќе ја подобри услугата на пациентите“, потенцира в.д директорот Сашо Клековски, пишува во соопштението.

На средбата заеднички било констатирано дека само со дијалог, отворен однос, двонасочна комуникација, може да се решат сите проблеми во интерес на лекарите и на пациентите.

„Останува да се решат наталожените проблеми како што се барањата за уредување на односите ПЗУ и матични доктори, зголемување на капитацијата, како и измени во казнените политики. Како вонредна мерка, ЗПЛ побара за време на екстремните температури, хроничните пациенти да не се препраќаат до специјалисти за нови препораки, туку да важат старите. За ова барање, веднаш е информирано Министерството за здравство“, се додава во соопштението на ФЗО.