Изборите ја одложија идејата за Јавно приватно партнерство на Брзата помош. Иако овој проект министерстерот за здравство го најави уште пред повеќе од една година, а во октомври требаше да има дебата дали е исплатливо приватна фирма да стопанисува со Службата 194,  јавноста се уште не слушна што покажа физибилити студијата и како ова ќе функционира во пракса. Филипче се правда дека станувало збор за комплексен процес, а сега во предизборие не било време да се прават такви суштински промени.

-Тоа е еден комплексен процес во кој треба да учествуваат повеќе фактори и претставници од Министерството за финансии, економија, експерти…изјави Венко Филипче, министер за здравство.

И покрај влезот на приватна фирма во Брзата помош, здравствените власти уверуваат дека граѓаните како и досега нема да плаќаат за услугите, а нефицијално на сметка на ова Фондот за здравство годишно ќе префрла речиси двојно повеќе пари на приватниот партнер.

И додека идејата за ЈПП стои во место, министерот најавува повторно реотворање на пунктовите за Брза помош во Драчево и Ченто, кои ги промовираше претходната власт, но поради недостиг на кадар за кратко време им беше ставен клуч на врата. Во меѓувреме со 13 нови возила се подновија и патонажната служба и домашната посета, кои се дел од Итната медицинска помош.

Од опозициската ВМРО ДПМНЕ обвинија дека Владата на СДСМ за три години целосно го уништиле здравствениот систем во државата.

-Не направија ништо за домашната и итната медицинска помош, па сега одлучија пред избори се фалат со набавки на амбулантски возила, иако итната медицинска помош посебно во подрачјето на Скопје беше преполовена, стои во реакцијата на ВМРО ДПМНЕ.