На денешниот мирен протест пораката е дека и покрај тоа што жените се половина од популацијата во државата не уживаат еднаквост ниту на работа или дома, во политиката и социјалниот живот. Голем број од жените се невработени, недоволно заштитени, често и жртви на семејно насилство, а законите кои ги штитат вообичаено се само декларативни, велат од Платформата за родова еднаквост. Меѓу другото невладините истакнаа дека овој 8 Март го одбележува женската сиромаштија, овозможена но и продлабочена од двегодишната здравствена пандемија.

– Бараме усвојување на политики и мерки против ковид кој ќе ги земат предвид ранливите категории, изјави Бојана Јовановска, Хелсиншки комитет.

По повод меѓународниот ден на жената, Премиерот Димитар Ковачевски истакна без потполна родова рамноправност нема ни демократија, ниту социјална правда, а неговата лична заложба е тоа да не е само денеска.

Пандемијата нè соочи со растечка нееднаквост во многу сфери. Соочени со предизвиците, жените повторно го понесоа поголемиот товар, преземајќи на себе многукратни улоги и неплатен труд во одржувањето на домовите, образованието на децата, грижата за повозрасните, истакна претседателот Пендаровски.

Денеска, со честитките по повод Меѓународниот ден на жената владините претставници порачаа дека независни и економски силни жени, со свој силен глас и мислење, со можности за слободен избор и еднаквост, се иднината на нашата држава.