Според информациите кои денеска беа објавени во македонските медиуми, процесот на вакцинација против Ковид-19 без закажани термини започна малку хаотично. Во сите поликлиники во главниот град биле забележани гужви, турканици и нервоза кај граѓаните.

Министерот Филипче посочил дека гужвите се веројатно поради тоа што граѓаните сакаат во раните утрински часови да се вакцинираат, најави и можно вклучување на Армијата за да се направи ред за вакцинација.

– Претпоставувам дека граѓаните сакаат да завршат работа порано додека е студено. Не знам дека имало инцидент. Се надевам дека нема да има. Мислам дека е добар систем да продолжиме без закажување за да биде што поголем интересот, пристапот, граѓаните во кој било дел од денот да можат да дојдат и да не бидат вратени и да се вакцинираат. Ќе разговарам со директорите на сите здравствени домови да видиме како да се организира редот. Ние се уште ги користиме ресурсите на Армијата и имаме механизми со кои можеме да направиме таков ред. Ќе видиме денешниот ден како ќе помине па кај треба ќе интервенираме”, потенцираше Филипче.

Граѓаните кои ќе се решат да се вакцинираат немаат право на избор, така што ќе бидат имунизирани со вакцината која ја има во моментот во установата. Во опција се Синовак, Фајзер и Астра Зенека за лицата над 60 годишна возраст.