Александар Јовановски од „Ахр лаб“ реагира на текстовите кои деновиве беа објавени во повеќе медиуми, а се однесуваа за тендери и неговата фирма.

Неговата реакција ја пренесуваме во целост:

Имајќи предвид дека моето име и името на моето семејство беа често споменувани деновиве во медиумите, најпрво би сакал да им се заблагодарам на оние медиуми што останаа доследни во својата професионалност и не објавија невистини и шпекулации во врска со мене и со компанијата со која управувам.

На медиумите што известуваа недоследно и упатија лажни обвинувања до мене, моето семејство и до компаниите кои јас и моето семејство ги претставуваме, сакам да им порачам дека со ниту една од споменатите личности од социјалните мрежи не сум во никаква бизнис или партнерска релација и информациите што се однесуваат на мојот татко, дека тој е дел од бизнисот со обложувачници, се невистинити и истите остро ги негирам.

Од сите што ги пренесоа овие лажни информации барам веднаш истите да ги отстранат од своите медиуми и јавно да се извинат за искажаните лажни ставови. Во спротивно ќе бидам принуден да поведам правна постапка за заштита на мојот углед и на мојата чест.

Компанијата „Ахр лаб“ нема поднесено понуда на наведениот тендер, а со тоа и не може да биде добитник на истиот.

Инаку, моето име и името на моето семејство, чии компании ги претставуваме, работат во Македонија повеќе од 30 години токму во делот со набавка на медицинска опрема, потрошен материјал, реагенси и слично.

Сите невистини и шпекулации, кои беа јавно изнесени во дел од медиумите, нас како компанија „Ахр лаб“, не нè обесхрабруваат, напротив нè охрабруваат и понатаму да бидеме професионални во нашата работа.