Родители на ученици од Ресен кои учат во Битола денеска дојдоа на седница на Советот на Општина Битола затоа што велат дека се засегнати од тоа што се уште не е решен проблемот со бесплатниот училишен превоз.
-Во прашање се од 100 до 150 деца, тоа за нас претставува многу голем трошок, јас имам две деца и за нив треба да одделам 7000 денари за месечни. Тоа ни е голем проблем. Дојдени сме овде да видиме како општината и градот ќе го решат овој проблем. Проблемот лани се решаваше со враќање пари на учениците, но враќање на средствата од Битола до Ресен. Поголемиот проблем е што во 5 часот наутро децата нема како да дојдат до Ресен. Сега почнува бербата на јаболка, не можеме да ги носиме децата, плаќаме такси, изјави Никола Богоевски, родител од село Дрмени, ресенско.
Од Општина Битола велат дека постапката за оваа релација е во тек.
Учениците преку своите раководители на паралелките и директорите, информирани се дека треба да извадат месечни карти за кои што парите треба да им бидат рефундирани, меѓутоа во тек е постапката за Битола-Ресен и некои од населените места понатаму, решена е линијата Ресен-Стење. Во тек е јавната набавка да се надокнади, но рефундирањето на сметките ќе биде исто како и минатата година, со валидни фискални сметки, преку училиштата. Учениците се информирани дека треба да ги чуваат фискалните сметки и потребната документација која беше побарувана од нив кај спорните линии минатата година, изјави Емилија Костурски, заменик-градоначалник на Битола.
На денешната седница, советниците дискутираа за извештаите и годишните програми на училиштата во Општина Битола.