Заменик-министерот за здравство Владимир Рендевски, утрово во изјава за медиумите посочи дека наскоро ќе започнат со работа веќе формираните работните групи за подобрување на состојбите во примарното здравство. Тој посочи дека во текот на вчерашниот ден оствариле средба и со министерот и премиерот со цел да се решат проблемите на примарната здравствена заштита и тоа долгорочно.

Рендевски појасни и дека работните групи треба да се доекипираат од страна на стоматолозите, со што преговорите би оделе посинхронизирано. Потенцира дека во тимовите се и правници, претставници од Фондот за здравствено осигурување, бидејќи, како што изјави, секое одредено решение мора да кореспондира и со Законот за здравствена заштита и со регулативната во Фондот.

-Се надевам за неколку дена до недела дена би требало првите разговори да ги започнеме. Голем дел од барањата навистина се издржани и лесно применливи. Одредени работи кои се во поглед на финансирањето навистина ќе се најде модус како на оние најзагрозени медицински тимови да се помогне некако и финансиски, така што верувам дека навистина ќе има решение и самите колеги ќе се задоволни и квалитетот на здравствена заштита да се подигне, да имаат благодет и самите пациенти, истакна Рендевски.

Во однос на проблемите со кои се соочуваат матичните лекари, тој посочи дека остварил комуникација со претседателката на Здружението на приватни лекари, д-р Лилија Чолакова Дервишова и смета дека многу внимателно и темелно треба да се сработи и во интерес на лекарите, но и во интерес на пациентите. Во врска со тоа што матичните лекари денеска ги примаат само итните случаи и не работат со пациенти закажани преку „Мој Термин“, тој рече дека ги разбира наталожените проблеми, меѓутоа со ултиматиуми и со датуми не се постигнува ништо.

– Самите лекари знаат од кога датираат тие проблеми. Ние како Кабинет, како Министерство две до три недели сме само тука и навистина со цела енергија, со искрена намера пристапивме кон решавање, така што очекувам дека работите ќе одат во добар правец и апелирам до колегите дека работите ќе бидат решени, додаде Рендевски и најави дека повторно ќе има средба со претставници на Здружението на приватни лекари, коморите, останатите здруженија, Фондот и правен тим од Министерството.