На пат кон Македонија – 291 балкански морнари со авион од Карибите слетуваат во Скопје
Заради настанатата криза со ковид-19, најголемите бродски компании за крстарење ги затворија своите бродови за гости уште од 12-ти март. Како резултат на новонастанатата ситуација, се појави потреба од репатријација на најголем дел од морнарите/вработените кои работеа на овие бродови.
Македонија, како и сите останати балкански држави има значаен број на млади кои работат за светски најреномираните компании. Една од нив е и Американската компанија Royal Caribbean Cruise Line (која има 47 бродови) и која важи за лидер во оваа силна индустрија.
Изминативе два месеци, често доаѓаа информации дека бродовите се наоѓаат во независна положба заради затворањето на пристаништата и аеродромите ширум светот. Таму каде што светот застана со почетокот на кризата, застанаа и обидите на бродските компании да ги вратат дома своите вработени кои се на принуден одмор.
Во Македонија досега преку различни форми на патување преку други држави и аеродроми, успешно се вратија повеќе од 300 македонски морнари.
Доаѓањето на авионот со 291 морнар во Скопје е резултат на Македонската компанија Коузон, која повеќе од 20 години е партнер на бродската индустрија и е најголема агенција за вработување на морнари во Источна Европа.
Во Скопје, утре на 26-ти мај ке слетаат морнари од Македонија, Бугарија и Србија.
За странските државјани репатријацијата ќе биде извршена со автобуски превоз до граничните премини со Бугарија и Србија, а македонските морнари ќе поминат низ процес на медицинска проверка на аеродромот, по што ќе се утврди дали ќе одат во карантин или ќе бидат упатени на 14-дневна самоизолација.
Сите морнари кои се враќаат од Карибите биле во просек по 60 дена на бродовите без контакт со лица од надворешниот свет.
За време на престојот на бродовите, вработените ги уживале благодетите на сместување во гостинските соби и храна по сопствен избор.
Ова е прв авион кој слетува во Скопје со толккав број на патници од некоја дестинација од Северно-американскиот континент.