Министерот за здравство Арбен Таравари денеска по посетата на болницата во Прилеп изјави дека се чека одобрение од Министерството за финансии за регулирање на статусот на договорците што работат во болнците низ државава.

-Ќе биде регулиран статусот на договорците на ниво на цела држава. Се работи за 1180 договорици и се чека одобрение од Министерство за финансии, се надевам ќе биде потпишано што е можно поскоро, од Министерство за здраваство веќе е потпишано. Јас гарантирам, не дека ќе им се продолжат договорите, туку ќе земат и решенија. Ние тоа и го најавивме, а на 30 декември го поминавме и во Влада и Здравство и Финансии. Но во новите систематизации, поради приватните специјализанти кои се 300 во првата половина на годинава, и уште 300 во втората половина на 2025, ни требаше нова систематизација и директорите сега ќе отвораат конкурси, договорците ќе ги примаат но не мора сто проценти од договорците. Јас имам информации дека некои од тие договорци не се компетентни и не работат како што треба. Така што директорот има ексклузивно право да одлучи по конкурсот што ќе се објави, рече Таравари.

Министерот, одговарајќи на новинарски прашања во врска со прераспределба на неврологот Иван Барбов на друг оддел, рече дека се работи за внатрешни организации кои се вообичаени на секоја клиника.

-Д-р. Барбов е прекрасен доктор кој работеше во неколку одделенија не бил секогаш во тоа одделение, сме работеле во различни одделенија. Тој беше директор на клиниката 4-5 години сега ќе биде во оддел каде што се третираат пациенти со Паркинсонова болест, досега работеше невромускулни болести, не е нешто спектакуларно. И мене ми се случило, сите сме ротирале во повеќе оддели, не сме фиксирани на определен оддел. И во било кој оддел да работи може да третира повеќе пациенти. Се работи за внатрешни организации кои се нормални во секоја клиника, одговори Таравари.

Дел од медиумите пред неколку дена објавија дека д-р Барбов по неколкудецениска работа на Одделот за пациенти со ретки болести, бил разрешен од страна на директорот на Клиниката за неврологија Фатмир Меџити, и прераспределен на Одделот за паркинсонова болест, со кој, во изминатите 20 години, наводно немал допирна точка. Барбов одбил да го прими решението за прераспределба, а во меѓувреме Неврологија излезе со реакција.

-Кадровските промени во раководството на одделот за невромускулни болести се направени за унапредување на работата и организацијата на одделот, новиот раководител има докажано знаење и искуство во областа, а изјавите на проф д-р Иван Барбов се паушални, се вели во реакцијата на менаџментот на ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија Скопје, потпишана од директорот д-р Фатмир Меџити, објавена на 18 февруари.