Вчера КУРИР објави дека постои простор за сомнеж дека се крие бројот на жртви од коронавирусот бидејќи починат пациент од Велес го немаше на дневната статистика.

Иако од Министерството за здравство вчера одговарајќи на прашање на КУРИР рекоа дека во претходните 24 часа нема починат пациент од Велес во Скопје, тие беа демантирани од семејството на починатиот и од градоначалникот на Велес.

Па така денес, во статистиката ја вбројаа смртта на ова лице иако тоа требаше да биде заведено во вчерашната статистика, а не во денешната, бидејќи е починат на 13-ти мај.

Имено, во денешниот извештај од Министерството за здравство е наведено:

„Денеска Институтот за јавно здравје регистрира и пациент од Велес (72г) починат на 13 мај во ГОБ „8 септември“, кој бил на болничко лекување од 15 април“.

Во статистиката која вчера ја објави Министерството за здравство, е наведено дека во последниве 24 часа нема нова жртва од коронавирусот во Македонија.

До редакцијата на КУРИР пристигна информација дека на Инфективната клиника во Скопје завчера попладне е починат пациент од Велес. КУРИР веднаш побара одговор од Министерството зошто смртта на ова лице не е наведено во извештајот.

Од таму вчера го добивме следниот одговор:

„Во вчерашната статистика (13 мај 2020г) стои заведен пациент кој е починат во ОБ Велес, на возраст од 76 години, хоспитализиран на 6ти мај. На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, нема починат велешанец во изминатите 24 часа“.

Но, освен сведоштвото на член на семејство, пристигна уште една потврда дека информациите кои ги пласира министерството НЕ се точни.

Имено, градоначалникот на Велес, кој е од редовите на СДСМ, ги поби тврдењата на МЗ и потврди дека починат пациент има. Истиот починал ноќеска, а со тоа не е можно неговата смрт да биде заведена во вчерашната статистика чиј пресек се прави на пладне.

Седумдесетгодишен велешанец почина ноќеска од КОВИД-19 на скопските клиники каде бил хоспитализиран, соопшти градоначалникот Аце Коцевски на денешната прес-конференција.

Првиот човек на Велес истакна дека ова е седми смртен случај на пациент од Велешко кој имал корона вирус, а четврт случај за пет дена.

„Во текот на изминатите 24 часа, во Велес регистрирани се два нови случаи на лица позитивни на КОВИД-19“, соопшти Центарот за јавно здравје Велес.

Дури денес, Министерството за здравство призна дека не е вистина тоа што го тврдеа во вчерашниот одговор дека нема починат пациент во Скопје од Велес.

Останува отворено прашањето дали вчера Министерството се обиде да го сокрие случајот со починатиот велешанец.