По повод Светскиот ден на мултипла склероза, во текот на вчерашниот ден националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза одржа настан. На настанот министерот за здравство, Фатмир Меџити, посочи дека во Македонија имаме 1.500 лица со мултипла склероза, а нивните приказни ги инспирираат на поттикнување поинклузивно општество.

Министерот нагласи дека во Македонија покриеноста со лекови за мултипла склероза е меѓу највисоките од земјите на Балканот. Министерството за здравство е отворено за комуникација и соработка, со цел заеднички да се заложиме за унапредување на третманот и здравствената заштита на овие лица, рече тој.

Пред присутните се обрати и заменик министерот за труд и социјална политика Енвер Хусејин.

– Министерството за труд и социјална политика е одговорно за креирање и спроведување на социјалната и трудовата политика и во таа насока, секогаш сме водени од премисата на подобрување на секојдневниот живот на лицата кои се соочуваат со свои предизвици, како што се и лицата со мултипла склероза, нагласи Хусејин.

Тој најави неколку новитети во рамки на политиките со кои раководи Министерството за труд и социјална политика, меѓу кои реформата за трудово законодавство, но и серија на јавни презентации за проценка на новиот модел на попреченост, а кон обезбедување право на вработување.

Обраќање имаше и сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска. Таа рече дека и кај нас, како и низ целиот свет, со разновидни настани се одбележува денот посветен на оваа тешка и непредвидлива болест, од која во светот боледуваат над три милиони лица. Ѓоргиевска додаде дека Република Македонија со околу 1.500 лица кои боледуваат од мултипла склероза, спаѓа помеѓу земјите од висок ризик. Секако, рече таа, она што ја прави оваа болест особено опасна е фактот дека иако дијагностицирана пред 150 години, лек за оваа болест сѐ уште нема, ниту пак е откриен причинителот на мултипла склероза.

Висар Мифтари, директор на Универзитетска клиника за неврологија, рече дека од оваа болест страдаат над три милиони луѓе ширум светот. ЈЗУ Универзитетска клиника за неврологија, нагласи тој, несебично се вложува во третирањето на пациентите со мултипла склероза и тоа ќе продолжи и во иднина.

На одбележувањето на светскиот ден на мултипла склероза, меѓународниот ден на глобална солидарност и надеж за иднината, претседателката на Националното здружение за мултипла склероза, Ана Карајанова Димитрушева, потсети дека овој ден е посветен на сите лица со мултипла склероза ширум светот, со цел споделување искуства, подигнување на јавната свест и кампања за сите тие, кои секојдневно се соочуваат со предизвиците на оваа изнемоштувачка, хронична болест.

– Ги поздравувам заложбите на здравствените власти во соработка со тимот од Универзитетска клиника за неврологија, за зголемување на бројот на лица со мултипла склероза кои примаат ефикасна терапија во изминатиот период, но и покрај тоа соочени сме со недостапност на оваа терапија за голем број пациенти со мултипла склероза, кои веќе се поставени на терапија. Во слична ситуација се и оние кои чекаат со месеци, да добијат современ третман, истакна таа, нагласувајќи дека причината е во недоволниот буџет, додавајќи дека бројот на нови случаи расте, секоја година се дијагностицираат нови 90 – 120 пациенти.

Таа соопшти дека повеќе од 50 пациенти се на листата на чекање за терапија, нагласи дека е неопходен поголем буџет и ажурирање на позитивната листа на лекови и дека смета оти настанот ќе ја продлабочи соработката и ќе придонесе за разрешување на проблемите, верувајќи и во понатамошна поддршка за овие лица.