Со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро, Македонското еколошко друштво во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ денеска ќе го одбележи Меѓународниот ден на биолошката разновидност – 22 мај.

Од МЕД информираат дека целта на одбележувањето е доближување на природните убавини на земјата. Посочуваат дека во текот на денот на социјалните мрежи ќе споделуваат слики и видеа од теренската активност за пребројување на пеликаните во Преспа.

-Пребројувањето на пеликаните е прекугранична активност што ги вклучува и нашите партнерски организации од Грција и Албанија – Друштвото за заштита на Преспа и Друштвото за заштита на животната средина во Албанија. Затоа следете не на фејсбук и инстаграм и уживајте во глетките од Преспанското Езеро, соопшти Македонското еколошко друштво

Броењето на пеликаните МЕД го спроведува од 2013 година. Пеликаните кои секојдневно доаѓаат да се хранат во македонскиот и албанскиот дел од Големото Преспанско Езеро, како што наведува друштвото, припаѓаат на најголемата гнездечка популација на овој вид во светот, која се наоѓа на Малото Преспанско Езеро, и ја нагласува неопходноста од заедничка соработка во напорите за зачувување на биолошката разновидност.

Темата на годинашното прославување на Меѓународниот ден на биолошка разновидност е „Природата нуди решенија“. (МИА)