Почнувајќи од 1 јуни, се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Ова се дел од препораките на Комисијата за заразни болести кои Владата на вчерашната седница ги прифати.

Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори.

Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители.

Се укинува забраната за групирање на јавен простор. Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор – летни тераси, до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на просторот и до максимум шест лица на маса.

Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од четири лица на шест лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата.

Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина и продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15 јуни.

На оваа седница, Владата го донесе и протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.