Последниве години се зголемува бројот на домашни жртви на трговија со луѓе, кои се главно сексуално експлоатирани, а идентификувани се и присилни бракови со малолетни лица, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на средбата со амбасадорите од земјите-членки на ЕУ. Според Спасовски, факт што особено загрижува и што ја алармира потребата од енергична акција на сите, е континуираниот пораст на деца – жртви при трговијата со луѓе.

– Годинава се идентификувани осум жртви на трговија со луѓе, од кои седум се деца, потенцира министерот.

Сите анализи и извештаи, како што напомена, укажуваат дека трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси, често поврзана со криумчарење мигранти, трговија со дрога, тероризам. Спасовски се осврна на мобилните тимови составени од претставници од МВР, МТСП и невладините организации, како успешен концепт, со цел идентификување на ранливи категории, меѓу кои и жртви на трговија со луѓе.

Во насока на исполнување на препораките на експертскиот тим на ГРЕТА, министерот Спасовски истакна дека неодамна беше формиран и Оперативниот тим за координација, следење, управување на случаи со трговија со луѓе, во кој, покрај претставници од државните органи (ЈО, МВР, МТСП) учествува и претставник од здружение на граѓани.

– Сите анализи и извештаи укажуваат дека трговијата со луѓе е еден од најпрофитабилните бизниси, често поврзана со криумчарење мигранти, трговија со дрога, тероризам. Од тие причини, во сетот мерки кои ги преземаме, би го споменал значењето на водењето на финансиски истраги кои ги преземаме паралелно со истрагите за кривичното дело. Единствено со одземање на главниот мотив поради кои трговците влегуваат во овој бизнис, а тоа се најчесто парите, можеме да креираме ефикасен одговор на овој криминал. За таа цел, во Министерството за внатрешни работи формиравме посебна Единица за водење на финансиски истраги, која е исклучиво надлежна за идентификување и пронаоѓање на незаконски стекнатиот имот, рече министерот.