За време на пандемијата од Ковид-19, адолесцентите се соочиле со драматичен прекин на нивните вообичаени дневни рутини и со поголеми предизвици во однос на менталното здравје во споредба со возрасните. Студиите потврдуваат дека долгата социјална изолација, затворањето на училиштата, прекинот во дневните рутини, несигурноста, грижата за здравјето и добросостојбата на членовите од семејството и блиските луѓе, имаа големо влијание врз менталното здравје на адолесцентите. Како последица на тоа, се зголемило и нивното чувство на депресија и анксиозност.

Ова беше потенцирано на денешната конференција „Менталното здравје ги засега сите“, што се одржа во Скопје, а каде беа претставени резултатите од направени истражувања за менталното здравје.

Секој трети адолесцент изјавил дека има симптоми на депресија. Четириесет и два отсто од адолесцентите пријавиле дека доживеале умерени до сериозни симптоми на анксиозност. И покрај тоа, повеќе од половина од испитаниците што изјавиле дека имаат потреба од услуги за менталното здравје, не побарале такви услуги. Во истражувањето се наведува дека многу поголема е веројатноста девојчињата да пријават симптоми на депресија во споредба со момчињата, дури шестпати.

Студиите покажуваат и дека повеќе од 54 отсто од младите мајки, кои пријавиле сериозни симптоми на депресија, не успеваат да воспостават емоционална врска со новороденчето што е клучен фактор за здравјето и развојот на детето, но, исто така и за менталното здравје и благосостојба на мајката.

На денешната конференција, УНИЦЕФ, заедно со клучните чинители и партнери од земјата, отвори дискусија за системското зајакнување на поддршката на менталното здравје на децата и нивните семејства, со посебен осврт на зголемување на инвестициите во услугите за ментално здравје и психо-социјална поддршка, соодветен пристап кон менталното здравје во училиштата и во заедницата и промена на јавниот дискурс за да се намали стигмата поврзана со менталното здравје.

УНИЦЕФ ги претстави клучните резултати од програмите за ментално здравје на децата и адолесцентите, вклучително и главните наоди од двете истражувања за менталното здравје, први од таков вид во земјата, што беа спроведени со финансиска поддршка од УСАИД и во партнерство со Универзитетската клиника за психијатрија во текот на третата година од пандемијата со Ковид-19 во средината на 2022 година.

Значаен аспект од поддршката на УНИЦЕФ за менталното здравје е децата да учат во училишта што обезбедуваат сигурна и заштитничка околина без насилство. Во тој контекст, УНИЦЕФ со поддршка од УСАИД работел со Бирото за развој на образованието за да им понуди можност на училиштата да промовираат позитивно ментално здравје и добросостојба, да ја зајакнат отпорноста и да градат животни вештини кај учениците, да се борат против стигмата и да го зајакнат пристапот до услуги за поддршка на менталното здравје.