Доколку биде усвоена Студијата за ревалоризација на Водно, следниот чекор е Владата да донесе одлука за прогласување на оваа планина за заштитено подрачје во склад со препораките на експертите и тоа би можело да биде направено пред Владата да и отстапи место на техничка влада во пресрет на најавените параламентарни избори. Ова беше кажано на денешната втора по ред јавна распрва по предлог-студијата за ревалоризација и заштита на Водно што се одржа во Град Скопје. На расправата, покрај скопскиот градоначалник Петре Шилегов, претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање, како и експертите кои учествуваа во изработка на студијата, учествуваа и претставници на „Го сакам Водно“ и други граѓански активисти.
– Намерата ни е да го облагородиме Водно дополнително без оглед што таму помина гасоводот. Студијата е максимумот кој ние како град можеме да го дадеме во заштита на Водно, но и да му додадеме дополнителни вредности – изјави пред почетокот на средбата Шилегов.
На прашањето дали сите пари кои се дадени од државата како компензација за уништената вегетација од изведбата на гасоводот ќе бидат дадени за и пошумување на Водно како што гласеше одлука на Владата или дел од парите ќе бидат искористени за тие дополнителни вредности кои ги спомнува, Шилегов одговори дека „тоа се наменски средства, 42,9 милиони денари и ќе бидат употребени исклучиво за потребите на планината Водно, меѓу кои и пошумувањето“.
Според Шилегов, на Водно му треба освежување и најави и дека Градот работи на една друга студија која ќе се имплементира напролет и ќе ја направи планината попривлечна и поатрактивна за граѓаните на Скопје, за, како што рече, секој од нас да им причина повеќе да оди на Водно.
– За за тоа се потребни повеќе содржини кои нема да значат нејзина девастација туку нејзино облагородување – рече градоначалникот.
– Ние сме категорично против развојот на Водно као туристичко рекреативен центар. На Водно апсолутно не му е потребно разубавување како што се изрази градоначалникот, туку потребно е санирање на штетите и пошумување. Водно не смее да се третира како парк туку како заштитена зона каде ќе се минимизира а не зголемува човековото влијание. На Водно не му требаат туристички атракции, луѓето таму одат да дишат чист воздух и да се движат во природа, адреналински моменти можат да добијат на други локации – рече Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“.
Стојановска истакна дека тие имаат забелешки бидејќи Студијата ја намалува зоната на заштита на Водно и тоа експертите го предлагаат бидејќи веќе е навлезено и узурпирано земјиште во поранешната заштитена зона.
– Наместо да се најде начин да се забрани или санкционира ваква злоупотреба, тие неа практично ја легализираат. Второ, степенот на заштита е премногу низок што овозможува да се направи урбанизација дури и на врвот на Водно што е апсолутно неприфатливо – рече Стојановска.
Експертите кои учествуваа во изготвувањето на студијата најавија дека веднаш по нејзиното усвојување ќе треба да се донесе и план за управување со Водно, како и специјален закон за Водно кој ќе утврди на кој начин понатаму ќе се управува со ова заштитено подрачје.