Пештерата Там Луанг, во која 12 деца од Тајланд и нивниот фудбалски тренер останаа заглавени 18 дена, ќе добие сосема поинаква намена.

Имено, комплексната пештера Там Луанг, која се наоѓа на границата помеѓу Тајланд и Мјанмар, ќе стане музеј, каде ќе се прикажува на кој начин е изведена спасувачката акција, која траеше претходните неколку дена, потврди лидерот на операцијата.

  • Легенда за пештерата

Суеверните Тајланѓани, велат дека со пештерата Там Луанг се поврзува и легенда за преубава принцеза, која побегнала во пештерата со својот љубовник. Нејзиниот татко веднаш испратил војници да го убијат, што ја натерало принцезата да изврши самоубиство. Наводно, според облините на нејзиното тело се обликувани и планините, а Там Луанг уште се нарекува и „пештерата на легнатата дама“.

Меѓутоа, да се вратиме на сегашните случувања во Там Луанг. Имено, двајца британски нуркачи ги пронајдоа 12 деца и нивниот фудбалски тренер, девет дена откако исчезнаа во поплавената пештера, а уште толку време им беше потребно на спасувачките екипи да ги извлечат од таму, во мисија во која почина еден од спасувачите.

За среќа, сите деца се спасени и моментално се наоѓаат во болница, без потешки последици по здравјето.

  • Ова подрачје е жив музеј, каде се прикажува како се одвиваше целата акција“, вели Наронгсак Осотанкорн, шефот на спасувачката мисија, на конференцијата за новинари.
  • Ќе направиме и интерактивна база, со сите податоци со кои располагавме во претходните денови. Пештерата стана уште една голема атракција за Тајланд“, вели тој.

Инаку, постои само еден водич за релативно неистражената пештера Там Луанг, кој сведочи за „импресивната комора на влезот“, која води до одбележана стаза, а потоа и серија на нови комори и карпи.

Мештаните велат дека од порано упатиле апел до властите, за тоа да се истакнат појасни натписи за сезоната на поплави во пештерата. Поради тоа, пештерата од четврток ќе биде затворена, но уште не е познато до кога ќе биде така.

Заменикот на генералниот директор за Одделението на националните паркови и диви средини, истакна дека постојат планови за „оживување“ на националниот парк, односно делот околу пештерата, каде во претходните 20 дена живееја спасувачите и останатите вклучени во спасувачката акција.