Во основните и средните училишта и во градинките денеска ќе продолжи штрајкот на вработените кој почна вчера организиран од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) за зголемување на платите во дејностите образование и детска заштита. За да се најде решение, најавена е нова средба меѓу синдикатот и владини претставници која веројатно ќе се одржи денеска или утре.

Министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика соопштија дека социјалниот дијалог ќе продолжи, а синдикалниот лидер Јаким Неделков порача дека тој треба да биде „конструктивен и конкретен, а не пропаднат и бесцелен разговор“.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вчера изјави дека го почитува синдикалното право на штрајк, но дека тој треба да биде последен чекор. Социјалниот дијалог со СОНК, рече тој, ќе продолжи за да се најде решение. Шаќири посочи и дека законите за основно и за средно образование не дозволуваат прекин на наставата освен во вонредни ситуации и дека со одлуката за штрајк, се доаѓа во ситуација да се надоместат деновите од учебната година бидејќи веќе беше одложен почетокот на второто полугодие поради состојбата со КОВИД-19.

И министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска во телевизиско гостување вчера нагласи дека социјалниот дијалог продолжува и вети дека деновиве, заедно со претставниците на СОНК, ќе најдат решение коешто нема да биде на штета ниту на кадарот во градинките, ниту на родителите.

СОНК го организира генералниот штрајк во училиштата и градинките бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на минималната плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари. Дополнително, СОНК бара минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места.

Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор. По последната средба минатиот понеделник, Неделков рече дека нема краткорочно решение со кое веднаш ќе се зголемат платите на дејностите што ги застапува Синдикатот и поради тоа вчера го активираше најавениот штрајк.