Мајмунските сипаници не наликуваат на КОВИД, а меѓу многуте разлики, за среќа на светот исцрпен од пандемија, се истакнува дека сипаницата е далеку помалку заразна. Иако се заразна болест, експертите тврдат дека мајмунските сипаници нема да предизвикаат нова светска здравствена криза.

Мајмунските сипаници не се ништо ново. Неколку илјади случаи се пријавуваат секоја година, речиси сите во Африка, иако некои новопријавени случаи во Европа немаат позната поврзаност со Африка. Социјалните мрежи, за жал, се веќе полни со дезинформации за мајмунските сипаници.

Според Светската здравствена организација (СЗО), мајмунските сипаници се пренесуваат преку размена на телесни течности, преку рани на кожата, устата или грлото. Вирусот може да се шири и со кашлање, но најмногу со големи капки кои паѓаат на земјата во радиус од околу еден метар, за разлика од лесните аеросоли честички кои остануваат во воздухот неколку минути. Затоа, многу е потешко да се шири меѓу луѓето отколку КОВИД.

Сипаниците обично започнуваат со симптоми слични на грип како треска, силна главоболка и отечени лимфни јазли. По еден до три дена се јавува осип на лицето и телото, кој најпрво се манифестира во вид на рамни лезии, а завршува во вид на гнојни јазли.

За среќа, постои вакцина против мајмунски сипаници и таа е истата како онаа против обичните сипаници. Делува бидејќи двата вируси се тесно поврзани, но за разлика од вакцината против Ковид, ако се користи брзо, вакцината против сипаници е ефикасна дури и по почетокот на инфекцијата, посочуваат експертите.