Департизација на Собранието за вистинска промена на законите и демонтажа на системскиот правен хаос, побараа синдикатите на денешниот протест пред македонскиот Парламент.

Како што нагласија во обраќањето, нивната заложба е хуманост, праведност и почитување на работничките права. Посочија и дека не може да има демократија без социјална правда.

– Овој Први Мај го одбележуваме во значително поинаква атмосфера од онаа што владееше последниве 10 години. Заслужува да се каже дека ги почитуваме некои од првите чекори што ги прави актуелната власт, но има и чекори што не плашат, односно веруваме дека не одат во вистинскиот правец. Најголема слабост досега е ужасно спорото темпо на промени на планот на работничките права во функција на живот со дигнитет, порачаа синдикалците од ССНМ, Синдикатот на културата на Република Македонија, Синдикатот на македонската дипломатска служба, како и Независниот академски синдикат и Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани.

Тие, од Собранието се упатија кон Владата.

– Ова е нов почеток на враќање на довербата во синдикалното движење. Ќе се справиме со сите што ќе ги издадат работничкото движење и Синдикатот, рече Димовски пред да ја достави и официјало Декларацијата со барањата до Владата.

Тој порача дека единството сега е повеќе од потребно зошто работничката класа е разбиена.

Собирот пред Владата почна со интонирање на Интернационалата и македонската химна.

Во моментов пред Владата пристигнаа и учесниците на протестот против извршителите во организација на Конфедерацијата на синдикалните организации.

– Протестираме против извршителите. Бараме итно стопирање на сите блокирани сметки на граѓаните и нов закон за извршување, рече Ана Глигорова.