Најмалку застапена кај луѓето во светот е крвната група АБ. Но, овој дел од населението има најголема опасност од губење на меморијата, вели науката. Повеќето луѓе имаат група 0 и тие се „најдобри љубовници“ во светот, но можат да имаат проблеми со плодноста… Следат уште повеќе факти и претпоставки на науката.

Луѓето со крвни групи А, Б и АБ имаат 25 до 30 отсто повисоки нивоа на протеини, а тоа е познато како Вилебранд фактор и Фактор VIII. Делумно поради таа разлика во споредба со лицата со крвна група 0, овие луѓе се изложени на 15 отсто поголема опанот од смрт од срцеви заболувања, според истражувањето на медицинското списание „БМЦ Медисин“ (BMC Medicine).

Според наводите, луѓето со крвна група 0 имаат помали количини протеини коишто помагаат во згрутчување на крвта, така што тие се изложени на помал ризик од згрутчување. Инаку, групата 0 не е само најчеста крвна група, туку и најстарата – научниците сметаат дека првите луѓе во светот ја имале оваа крвна група.

Оваа крвна група наводно може да ѝ пречи на бременоста. Според истражување на Медицинскиот факултет „Алберт Ајнштајн“, крвната група 0 има двојно поголема веројатност да произведува ФСХ – фоликуло-стимулирачки хормон чие високо ниво укажува на ниска резерва кај јајниците. Имено, ФСХ кај жените го стимулира создавањето зрела јајце-клетка подготвена за оплодување, а нејзините вредности се зголемуваат кога јајниците се исцрпуваат.

Луѓето со крвни групи А, Б и АБ се изложени на поголем ризик од рак на желудникот. Причината за тоа е веројатно воспалителен одговор на бактеријата „Helicobacter pylori“, одговорна за чир на желудникот. „H. pylori“ е спирална бактерија што може да се најде на слузницата на желудникот кај луѓето и е отпорна на високо киселата средина којашто се наоѓа во желудникот.

Поради разликите во згрутчувањето на крвта, луѓето со крвни групи А, Б и АБ се изложени на 31 отсто поголема можност од длабока венска тромбоза – згрутчување што се создава во вените на нозете, препоните или рацете, отколку луѓето со крвна група тип 0, открива истражување на американски истражувачи од Универзитетот на Минесота.

Губење на меморијата е почеста кај групата АБ. Иако најмалку луѓе во светот ја имаат оваа крвна група, тие имаат најголема опасност од губење на помнењето. Истражувањата покажуваат дека лицата со крвна група АБ имаат 82 отсто поголеми шанси да развијат когнитивни проблеми во иднина, во однос на другите. Причината за тоа е што имаат повисоко ниво на Фактор VIII – протеин којшто учествува во процесот на згрутчување на крвта.

Луѓето со крвна група А или Б имаат 21 отсто поголем ризик да развијат дијабетес тип 2 во нивниот живот. Истражувачите велат дека не им е сосема јасно зошто е тоа така, но една теорија е дека крвната група може да влијае на микробиомот на дигестивниот тракт, а со тоа и на метаболизмот на гликозата и развојот на воспалението, пренесува „Ридерс дајџест“ (Reader’s Digest).

Крвната група А е најмногу склона кон опсесивно компулсивно нарушување (ОЦД) во однесувањето, според списанието „Неуросајкобајолоџи“ (Neuropsychobiology). Но, и таа теорија сè уште треба да се доистражи. Експертите откриле врски меѓу таа крвна група и упорноста и трудољубивоста и покрај заморот и фрустрацијата.

И РХ-факторот открива многу нешта. Секоја крвна група е поделена на две подгрупи во зависност од тоа дали РХ-факторот е позитивен или негативен. Има многу помалку луѓе со негативен РХ-фактор – само околу 15 отсто, пишува davidwolfe .com. Токму за нив се смета дека имаат повисок коефициент на интелигенција од просечниот и дека се многу емпатични. Исто така, тие луѓе, наводно, почесто развиваат необјасниви фобии почесто од другите, имаат помала телесна градба од оние со позитивен РХ и се почувствителни на температурни промени.